Мицкоски: Бараме правни механизми за Коцевски – „некои судии и обвинители со кран не може да ги мрднеш од фотелјата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се бараат правни механизми како да биде разрешен државниот јавен обвините Љупчо Коцевски, изјави премиерот Христијан Мицкоски со што јасно стави на знаење дека не се откажува од идејата за негово отстранување од позицијата прв јавен обвинител. Мицкоски деновиве и го обвини Коцевски дека не си ја вршел својата работа и дека поради тоа неопходна е негова смена.

„Битно е дека дојдовме до констатацијата, а сега треба да видиме правниот процес како е за да не остане повторно некаква дилема за да не потоа во некои нареден извештај повторно се најде името на овој човек и дека Владата направила нешто кое што е спротивно на не знам што. Затоа сега дојдовме до оваа констатација сега оставете да го најдеме точниот пат до таму, вели Христијан Мицкоски.

Коцевски пак вели дека ваквата изјава од премиерот ја слуша веќе неколку месеци, но дека тој совесно си ја врши работата за што покажуваат бројките од решени предмети поднесени од МВР. Изјавата пак на премиерот Мицкоски ја смета за политичка.

„Јас и понатаму ќе продолжам да ја вршам работата законито, совесно, професионално и се уште сметам дека се е тоа само политичка изјава затоа што резултатите можам да кажам дека се истакнати во нашиот извештај годишен, па еве само за податок ќе ви соопштам дека од страна на Министерството за внатрешни работи имаме прилив од 14 илјади предмети. Тој прилив како бројка од 14 илјади предмети јавните обвинители го решиле“, вели Љупчо Коцевски.

Во врска со финансиската независност Коцевски вели дека тоа треба да изнесува 0,4 проценти од Буџетот што, како што истакна е согласно законите. Сепак Мицкоски вели дека не гледа причина за зголемување на платите, бидејќи досегашниот буџет што се одвојува за правосудниот систем е многу поголем од европскиот. Нашите судии имаат плати од околу 2 илјади евра, претседател на суд добива 3 илјади, а мојата плата е 2 и пол илјади евра, рече тој.

„Има претседатели на судови кои што имаат месечни примања од околу 180 илјади денари отприлика 3 илјади евра месечно. Еве јас како премиер јавно кажувам мојата плата со стажот во годините кои што ги имам претходно е 155 илјади денари. Ние сега јавна дебата треба да водиме со поединци ќе повторам, не е тоа мнозинство на обвинители и судии, поединци кои што зафатиле позиции не се мрдаат со кран не можеме да ги поместиме од таму, седат грчевито се борат за фотелјата малку им се 3 илјади сакаат 5 илјади плата месечно“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски најави и дека во однос на трошењето на парите на судиите и обвинителите ќе се формира собраниска комисија која ќе врши надзор над нивната работа.