Мицкоски дециден пред посетата на Кошта: Не прифаќаме нови неизвесности на европскиот пат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во пресрет на денешната посета на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на Скопје, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да отстапи од својот став во однос на уставните измени без јасни гаранции дека земјата нема да се соочи со нови условувања на патот кон Европската Унија.

Одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата од средбата со Кошта и можноста за промена на владините позиции, Мицкоски нагласи дека останува на досегашниот став.

„Многу пати сме дале став по тоа прашање и нашиот став е непроменлив. Јас немам намера како претседател на влада да поддржам авантура без извесен крај. Покажуваме дека сме компетитивни, сакаме да го изодиме процесот бргу, но не сакаме брз неизвесен крај, не влегуваме во таква авантура“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во изминатите три и пол децении земјата била сведок на бројни политички компромиси и отстапки, а сепак останала на истата позиција во евроинтегративниот процес.

Во однос на односите со Бугарија и европските интеграции, премиерот истакна дека процесот мора да биде заснован на меѓусебна доверба и исполнување на обврските од двете страни.

„Процесот е двонасочна улица, за да изградиме доверба, потребно е да има испорака од другата страна. Ако сите европски политичари се едногласни дека нема да има дополнителни условувања, да направиме нови заклучоци во кои тоа ќе го ставиме и така ќе се потврди поддршката и довербата“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата останува отворена за разговори со Европската Унија и дека е подготвена да работи на реформската агенда и на прашањата што ги обединуваат државата и европските партнери.

На прашањето дали е можна трилатерална средба со претставници од Бугарија и ЕУ, премиерот рече дека Македонија е подготвена за разговори, но очекува јасно дефиниран формат и соговорници.

Во рамки на посетата, Мицкоски ќе има тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок меѓу владината делегација и делегацијата на Европскиот совет. По разговорите е предвидена и заедничка прес-конференција во Владата.

Кошта престојува во регионот во рамки на турнејата низ Западен Балкан, а на 5 јуни во Тиват ќе биде копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Во фокусот на неговите разговори со лидерите од регионот се проширувањето на Унијата, постепената интеграција, регионалната соработка, како и прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.