Мицкоски ги отфрли предвремените како опција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Мицкоски отфрла секаква можност за одржување предвремени парламентарни избори напролет. Тој не ја прифати ниту опцијата на која се надева ДУИ дека доколку победи на локалните избори тоа ќе биде доволна причина за одржување предвремени избори. Оваа Влада има полн легитимитет, повеќе од 600-тини илјади граѓани на изборите минатата година гласаа за оваа Влада, рече Мицкоски.

„Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби и би рекол националистички испади немаат друга програма па за да ги мобилизираат своите структури и гласачи единствената работа која што можат овој момент да ја зборуваат е да повторуваат предвремени избори предвремени избори. И ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи со историски резултат во 2021 на локалните избори, па беше во опозиција 3 години.“, рече Мицкоски.

Но од ДУИ, партија која ја предводи коалицијата НАИ и натаму не се откажуваат, и се убедени дека сепак по локалните ќе има предвремените избори.

„Веднаш по локалните избори ќе има парламентарни избори. Во Градот Скопје, не знам дали сте ги виделе анкетите, соодносот е речиси 8 спрема 2, Националната Aлијанса за Интеграција е 8 спрема 2, тоа е соодносот во Градот Скопје. Одиме на предвремени избори, ги знаете резултатите од предвремените избори, ќе има нова влада во март, ќе има нов состав во Градот Скопје, па пресметав сè и за Градот Скопје и за Владата.“, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.

Во однос на предвремени избори од ВЛЕН се против нивно одржување, додека од СДСМ велат дека тие се подготвени. Инаку темата за изборите ја подгреа токму премиерот Мицкоски кој минатата недела ја остави отворена можноста, а за која од ДУИ силно се залагаат.