Мицкоски ги реши дилемите околу Фатмир Лимани: „Па, гледате дека министерот Лимани е со мене“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашање: Дали ќе продолжи соработката со министерот Лимани и покрај влошените односи со ВЛЕН.

Мицкоски: Па, гледате дека министерот Лимани е со мене!

Кус одговор, а потоа насмевки и на лицето на премиерот, но и на лицето на министерот. Ова е начинот на кој Мицкоски одговори на прашањето од новинарите дали Фатмир Лимани и натаму ќе биде министер во Владата, откако стана јасно дека тој повеќе не е дел од БЕСА и ВЛЕН, на чиј предлог беше поставен на функцијата.

Со овој одговор премиерот како да ги реши дилемите околу позицијата на Лимани и очекувањата на раководството на ВЛЕН дека, поради влошените односи со него, тој нема повеќе да биде дел од извршната власт.

Еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, изјави дека поради односите на Лимани со премиерот Мицкоски, имало бројни телефонски разговори и барања за појаснување од партиските структури.

„Од моментот на самото исклучување на г. Лимани од Движењето БЕСА, а со тоа и од ВЛЕН, тој самиот се исклучи и од Владата како предлог на ВЛЕН. Што ќе се случи понатаму политички, тоа треба да го прашате него … но како што реков, делот на Албанците во Владата ќе продолжи да го претставува ВЛЕН согласно првичниот договор со премиерот“, изјави претседателот на ВЛЕН, Биљал Касами.

Министерот за социјална политика и демографија Фатмир Лимани пред извесно време прашан за ова, изјави дека во моментов е „министер на народот“ во рамки на коалициското владеење меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, но не потврди дали ќе остане на функцијата по најавената реконструкцијата на Владата, која се очекува да се случи кон средината на месец јуни.

Инаку, Лимани во последниот период е виден и во поблиски контакти на настани со претставници на ДУИ.