Вака рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во емисијата Клик Плус коментирајќи ја изјавата на Артан Груби кој исто така во Клик Плус рече дека Мицкоски ја прифатил идејата за премиер Албанец со актуелниот состав.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ негира дека ја елаборирал оваа тема со лидерот на ДУИ, Ахмети. И денеска излезе со конкретен предлог. Ќе го поддржи Африм Гаши како нов мандатар на преодната влада наместо Димитар Ковачевски под услов потоа земјава да оди на предвремени парламентарни избори.
Од партијата на Гаши му се заблагодарија на Мицкоски но велат дека немаат причина за менување на агендата.
„Му се заблагодаруваме на Мицкоски неговата проценка во однос на лидерот Африм Гаши,но Алтернатива во моментов е во процес кој трае и се уште не завршил. Во овој период немаме никаква причина да ја менуваме агендата и не можеме да зборуваме за ништо друго“, велат од Алтернатива.
И Артан Груби од ДУИ вели дека премиер може да предложи лидерот на партијата Ахмети додека Мицкоски може ова да го прави кога ќе победи на избори.
„Предлогот доаѓа од редовите на ДУИ, односно од г. Али Ахмети,не може да предлага некоја друга партија согласно договорот,особено не ВМРО, бидејќи нема мандатар. Во моментот кога ќе добијат мандат на парламентарни избори, доколку ВМРО предложи Албанец за премиер наместо г. Мицкоски или кој било друг кого го планирале за мандатар, секако дека ќе го поддржиме“, порача Артан Груби.
Синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го коментираше влегувањето на Алтернатива во влада, рече дека би се зачудил доколку Африм Гаши сега одлучи да остане во влада,бидејќи главната причина за влез во влада беше датумот за почеток на преговорите, но бидејќи датум нема, сега Мицкоски очекува Гаши да излезе од владата.
