Мицкоски: И со два потписа не се задоволни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не знам што треба да направиме повеќе за да се задоволни независните иницијативи. Ова беше реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски на коментарот на независните граѓански иницијативи дека и покрај намалувањето на бројот на потписите тие за претстојните локални избори не се рамноправни со другите партии.

„Навистина не знам што можеме ние како Влада повеќе од ова да направиме, за да на некои луѓе им удоволиме, односно да ги задоволиме нивните барања. Сега ако имате бројка на потписи многу биле потписите, ако имате само два потписи, малку биле, еве нека кажат што треба да направиме тоа ќе направиме, јас навистина не можам да разберам некои луѓе“, рече Мицкоски.

И покрај одлуката на Државната изборна комисија дека независните на изборите ќе учествуваат со собрани два потписи тие и натаму се во процедура за формирање политичка партија. Велат дека во таа одлука постои правна несигурност, бидејќи за тоа не постои закон и поради тоа, најсигурна опција да формираат партија.

„Освен што би можеле ДИК самите да го повлечат ова што го изгласале сега, бидејќи нема законска основа во Изборниот законик, не постои праг никаков, не постојат ни тие два потписи, ни илјада ни николку, па постои опасност, откако ќе поминат изборите, дури и ДИК да остави да поминат изборите на овој начин да не го повлече роковникот, постои опасност, за жал по поминувањето на изборите, нашите мандати на таков начин добиени да бидат оспорени и ние да се најдеме во реална опасност да ги изгубиме мандатите по изборите.“, изјави Драган Велковскa од Зелен хуман град.

Државната изборна комисија во понеделник го донесе новиот Правилник според кој за независните кандидати ќе бидат потребни два потписи за тие да учествуваат на локалните избори. Хаос настана откако претходното упатство беше поништено, па стана нејасно дали и колку потписи ќе треба да собираат независните. Воедно викендов пропадна и обидот во Собранието да се усвојат измените на Изборниот законик.