Мицкоски и Заев ќе ги „пеглаат“ недоразбирањата – можно ли е опозицијата и власта да се согласат за важни прашања?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Значи се одбидов на било кој начин. Кажав дека со Груевски можев да најдам решение, со Мицкосвски не можам.“.

Вака пред само дваесет дена премиерот Зоран Заев зборуваше за неговиот опозициски колега Христијан Мицкоски. Но и покрај ваквата реторика, ја прифати фрлената ракавица од лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Во понеделник ќе имаат тет-а-тет средба, а според најавата ќе се разговара за важни државни и политички прашања.

„Бидејќи ме немаше подолг период во јавноста поради ковид-19, го повикувам Зоран Заев на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници, тој нека избере ден и час, стојам на располагање. Ќе го прилагодам моето време како нему што му одговара за да разговараме за сите оние работи кои се од големо значење за граѓаните од кризата со пандемијата до работата на парламентот.“, рече Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев, синоќа за тв 21 потврди дека ја прифаќа понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а веќе денес ги најави и можните теми за разговор. Тој верува дека по средбата во понеделник со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик како што се воведување отворени листи на локални избори и една изборна единица на парламентарни избори.

„Драго ми е што во понеделник ќе можеме веројатно да соопштиме дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисокот од прст. Верувам дека Собранието многу бргу ќе го стави на дневниот ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели. Се залагаме за отворени листи за локалните избори каде граѓаните ќе може да го изберат советникот од листата на советници. Би требало да ја отвориме и конечно да ја затвориме успешно демократизацијата на државата преку новиот модел на гласање за парламентарни избори преку една изборна единица која ќе им даде можност на помалите партии да бидат посоодветно застапени во парламентот“, изјави Заев.

Заев потенцираше дека ќе се разговара и за одблокирање на сите блокирани закони кои значат поддршка помош за населението, работниците и компаниите. Со реакција по повод закажувањето на средба на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев со Христијан Мицкоски, синоќа се јави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој го прашува Заев, зошто на оваа средба ги нема лидерите и од другите политички партии, односно од албанските партии. Премиерот со одговор дека не ја видел пораката на Гаши која ја испрати преку Фејсбук, но порача дека се пријатели и заеднички борци за едно општество за сите.