Мицкоски: Кога е СДСМ на власт има прислушување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој повеќе незаконски прислушувал и следел. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа е пракса на СДСМ а очекува обвинителството и судството до крај да го истераат овој случај. За барањето на СДСМ да се декласифицираат документите Мицкоски рече дека тоа го прави Обвинителството.

„Традиција е кога СДСМ е во Владата и кога СДСМ управува со службите во државата да биде ВМРО-ДПМНЕ следен. Очекувам Обвинителството и судството до крај да го истераат овој случај, гледам во опозицијата се вознемирени, во СДСМ се вознемирени и треба да бидат вознемирени затоа што со децении се злоупотребуваат ресурсите на службите, порано на Управата за безбедност и контраразузнавање сега Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање“, рече Мицкоски.

Новинар: За декласификацијата?

Мицкоски: Тоа одлучува Обвинителство не одлучува Владата, тој што ги лиферува тие информации или е правен аналфабет или се обидува да ја политизира работата.

Од пратеничката група на СДСМ повторно побараа итна декласификација на целата документација поврзана со Агенцијата за национална безбедност. Славјанка Петровска вели дека тоа треба да го направи АНБ според Законот за класифицирани информации.

„Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори, криејќи се зад класифицираните документи. А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицирани информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член 14, промената на степенот на класификацијата го врши создавачот“, изјави Петровска.

За случајот со Агенцијата за национална безбедност пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ да свика седница за да се донесе одлука за посета и увид во Агенцијата. Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи рече дека нема да свика седница на комисијата се додека не добие безбедносен сертификат. Според Деловникот право да ја свика комисијата има претседателот на Собранието Африм Гаши, но досега нема информација дали тоа ќе го стори.