Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа седница на која беа донесени клучни одлуки за понатамошно јакнење и модернизација на партијата, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Како што истакна Мицкоски, Централниот комитет одлучил за избор на нов Извршен комитет, кој претставува спој на искуство и нова енергија, преку комбинација од членови од претходните состави и новоизбрани кадри. Според него, овие одлуки се јасен сигнал дека партијата се менува и се прилагодува на новите политички и општествени предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета партиска структура која ќе понуди конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните. Во периодот што следи влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија“, нагласи Мицкоски.
Тој најави и зајакнување на внатрешната организација, зголемување на транспарентноста и поинклузивен процес на вклучување на членството. Во наредниот период, како што рече, ќе се спроведат избори за претседатели на општинските комитети, како и за нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, при што процесите ќе се водат инклузивно и со фокус на квалитет, одговорност и резултати.
Мицкоски го соопшти и составот на новиот Извршен комитет. За нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки. Членови на Извршниот комитет се: Александар Николоски, потпретседател на Владата и министер за транспорт; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Гордана Димитријевска-Кочовска, министерка за финансии; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија; Никола Мицевски, координатор на пратеничката група; Луке Галевски од Кабинетот на Владата; потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски; пратеничките Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи и Ели Панова; националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев; градоначалниците Кирил Пецаков, Орце Ѓорѓиевски и Онер Јакуповски; Марија Андоновска; Игор Јанушев; портпаролката на Владата Марија Митева; Благоја Ташаминов; Драгана Бојковска; Синиша Стојановски; министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски; Филип Поповски и директорот на Царина Бобан Николовски.
За организациски секретар е избран Ивица Томовски, а Владимир Неловски продолжува да ја извршува функцијата шеф на кабинетот на претседателот и на Владата, како и шеф на кабинетот во рамки на ВМРО-ДПМНЕ.
