Мицкоски: Лимани сторил кривично дело при одобрување планови – општина Гостивар: Одобрувањето на плановите е според закон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски ги коментираше најавите на в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, кој изјави дека ќе го оспори правно, можното решение на Владата за именување владин повереник како градоначалник на Гостивар, по неуспешните избори во оваа општина на 19 октомври, поради недостиг на цензус.

„В.д. градоначалникот на Гостивар не знам дали ви кажал дека одобрил на Совет два детални урбанистички плана без мислење од институциите – претпоставувам дека тоа не го спомнал. Тоа е кривично дело. Треба и тоа да го сподели со медиумите пред да дава предлози“, вели Христијан Мицкоски.

По ова, преку писмено соопштение и неколку фотографирани документи, Општина Гостивар информира дека, можеби премиерот е погрешно информиран во врска со постапката за одобрување на двата детални урбанистички плана.

Додаваат дека секоја постапка е спроведена во целосна согласност со законот.

„Фактот што плановите се одобрени и со гласовите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата на Советот на Општина Гостивар одржана на 02.08.2025, покажува дека процесот бил регуларен и транспарентен. Доколку имало неправилности, советниците од партијата на премиерот немаше да гласаат за нив“, велат од Општина Гостивар.

Од општината на крај додаваат дека за двата споменти плана биле спроведени две инспекции од Државниот инспекторат за локална самоуправа, и во записниците јасно било констатирано дека нивното одобрување е извршено согласно законските одредби, без никакви забелешки или прекршувања.