Мицкоски: Македонија добива нова енергија и работни места

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска беше поставен камен-темелникот на новиот малопродажен објект на „Лидл“ во Македонија, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и претставници на компанијата. Со оваа инвестиција, според премиерот, земјата добива нова енергија, нови работни места и потврда дека Македонија е атрактивна дестинација за инвеститорите.

Новиот објект ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со модерен продажен салон од 1.200 квадратни метри и 57 паркинг места за посетителите. Мицкоски истакна дека оваа инвестиција е дел од долгорочната стратегија на компанијата за развој на македонскиот пазар.

„Оваа инвестиција беше блокирана, но веднаш по изборот на оваа Влада пред неполни 15 месеци, ја ставивме меѓу првите приоритети. Денес гледаме како една идеја станува реалност“, рече премиерот, додавајќи дека Владата продолжува да отстранува пречки и да создава нови можности за инвеститорите.

Премиерот Мицкоски исто така го поздрави зголемувањето на застапеноста на македонските производи на полиците на „Лидл“. „Со ова се поддржува локалната економија и се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро“, рече тој.

Според податоците на компанијата, македонските производи се присутни и на полиците на „Лидл“ во околните земји, а извозот во 2024 година изнесувал околу 5 милиони евра. Очекувањата се оваа бројка да се зголеми на 10 милиони евра, со можност за дополнителен раст во иднина.

„Овој проект не е само изградба на објект – тоа е почеток на ново поглавје во малопродажбата, со повисоки стандарди, поголема конкуренција и подобри услови за граѓаните“, нагласи премиерот, додавајќи дека ваквите инвестиции носат повеќе избор, пониски цени и повисок квалитет.

Премиерот ја промовираше и кампањата „Македонско – најдобро“, нагласувајќи дека со партнерството со „Лидл“ се зајакнува поддршката на домашното производство и се отвораат нови можности за македонските претприемачи.

„Денес градиме мост на доверба, партнерство и развој. Ова е само почеток на долгата и успешна приказна на „Лидл“ во Македонија“, заклучи премиерот Мицкоски.