Премиерот Христијан Мицкоски, денеска во Собранието на седницата на пратенички прашања, му одговори на пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ околу прислушувањето.
Мицкоски одговори дека наскоро ќе биде откриено како се прислушувало и дека пратениците од СДСМ ќе бидат згрозени.
„Дали се сеќавате на онаа кампања „Вистината за Македонија“? Многу скоро од сега ќе ја видите невистината за оние кои велеа дека ја зборуваат вистината за Македонија, и ќе се срамите. Затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале и следеле водачи на опозициски партии. И јас сум убеден дека дел од раководството на СДСМ не ни знаеле дека тоа се случувало, дека најголемиот дел од нив го правеле за злоупотреба и лична агенда. Не дека некој од највисокото раководство немало информации, имало. И тоа што се случувало ќе ве згрози и вас, тоа што се случувало. Каков тип на мерки се преземени, и физичко следење и употреба на дозволени и недозволени методи. Затоа се плашите вие, затоа ја гледам таа дебата од убдашки болшевистички структури кои се присутни во нашите кодошки безбедносни структури. И затоа се плашат од спојување на агенциите. Што им фалеше спојувањето на овие агенции во Хрватска, во САД? Ништо не се случи“, рече Мицкоски.