Мицкоски: Многудетното семејство мора да биде приоритет, тоа е највисокиот патриотски чин за сопствената татковина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на промоцијата на петгодишната програма на Владата и Фондот за население на ОН (УНФПА) истакна дека овој документ не е само формалност, туку план за конкретни активности насочени кон иднината на државата и граѓаните.

– Најважниот ресурс на едно општество се луѓето. Без деца нема иднина – нема училишта, универзитети, економија, ниту држава. Семејството и особено многудетното семејство мора да бидат приоритет, бидејќи тоа е највисокиот патриотски чин за сопствената татковина – рече Мицкоски.

Тој потсети дека Македонија се соочува со сериозна демографска криза – бројот на новородени од над 50.000 во 1950 година е намален на околу 16.000 во 2024 година. Премиерот предупреди дека ако трендот продолжи, за 20 години државата би можела да има помалку од еден милион жители, што би значело колапс на пензискиот и здравствениот систем.

Како дел од мерките, Владата најави шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, бесплатни учебници, нови градинки и поддршка за младите семејства.

– Оваа програма е потврда дека имаме поддршка од меѓународните партнери, но и дека одговорноста е наша – да ги задржиме младите, да го сочуваме семејството и да ја обезбедиме иднината на Македонија. Времето е сега, а иднината е во нашите деца – нагласи премиерот.