СДСМ објави повеќе документи преку кои тврди дека првиот вицепремиер Изет Меџити е вмешан во корупциски афери. Според пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, откриени се докази кои докажуваат дека Меџити како министер за животна средина незаконски ги заобиколил институционалните процедури за да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или одбиени.
Од ресорот на Меџити велат дека СДСМ и натаму е алатка на ДУИ и го демантираат сето ова. Преку соопштение велат дека реакциите од СДСМ и ДУИ доаѓаат во време кога Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Државниот инспекторат за животна средина секој ден обелоденува бројни скандали од минатата власт.
„Tандемот СДСМ-ДУИ што злоупотреби стотици милиони евра од државата за време на КОВИД-кризата, енергетската и инфлациската криза, тандемот што даде лиценци на 20 фабрики за марихуана, стотици казина во секое маало, со вицепремиери на црни листи, се обидува да создаде тема од една административна постапка која самата СДСМ со ДУИ ја имаат поставено и која ние ја елиминираме“, велат од Министерството за животна средина.
На обвинувањата на СДСМ и ДУИ кон вториот човек на владата одговори и премиерот Христијан Мицкоски велејќи дека има целосна доверба во работата на Меџити.
Пред неколку дена и опозициската ДУИ соопшти за сомнежи за злоупотреба во Министерството за животна средина, каде според Интегративците на Меџити му се одземени речиси 70% од надлежностите за потпишување документи од Инспекторатот, под сомнеж дека се злоупотребени потписите на документите. Од ДУИ и СДСМ упатуваат апел случајто да се истражи од Јавното обвинителство.