Премиерот Христијан Мицкоски најави можност за дополнително намалување на цените на горивата во текот на следната недела, при што Владата, како што рече, продолжува со мерките за одржување на пониски даночни оптоварувања.
Тој истакна дека цените на нафтените деривати се формираат според законска формула, која ги следи движењата на светските берзи.
„Очекувам дека најмалку ќе останат сегашните цени, а можно е и дополнително намалување веќе од понеделник“, изјави Мицкоски.
Според најавите, веќе е предвидено намалување на цената на безоловните горива за 1,5 денари по литар, додека дизелот би поевтинил за околу 2,5 денари. Дополнително, се применуваат и попусти од страна на ОКТА – 2 денари за бензините и 3 денари за дизел горивото.
Премиерот информираше дека Владата донела одлука за продолжување на кризната состојба, како и за задржување на намалената стапка на ДДВ од 10 отсто, наместо 18 отсто.
„Ќе донесеме мерка за да го задржиме нивото на ДДВ на 10 проценти. Во зависност од цените на берзите, ќе се коригираат и акцизите“, додаде тој.
Во однос на договорените попусти со ОКТА, Мицкоски посочи дека тие ќе важат најмалку до крајот на април, а во меѓувреме се водат разговори за дополнително намалување на цената на дизелот за уште еден денар по литар.
Владата, како што нагласи премиерот, внимателно ги следи движењата на светските пазари на нафта, каде цената во моментов се движи околу 90 до 91 долар за барел, и врз основа на тие податоци ги креира мерките за заштита на животниот стандард на граѓаните.
