Субвенции за инсталирање на филтри на оџаците за домаќинства кои се греат на фосилни горива и дрва, најави премиерот Христијан Мицкоски. Рече дека на денешната седница на Влада ќе ја предложи оваа мерка, а целта е во пресрет на грејната сезона, да се намали загадувањето. Субвенционирањето би одело по принципот прв дојден-прв услужен.
–Можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенцинираме за клима-уреди, за топлински пумпи и за ваков тип на субвенционирање на сметки за социјално ранливи категории, на отприлика 5 до10.000 домаќинства, да им обезбедиме филтри на оџаците, оние домаќинства коишто користат фосилни горива, односно дрва, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски кажа дека мапирале и 500 државни објекти кои се загреваат на фосилни горива и дрва и целта е и таму да се иснсталираат филтри на оџаците. Но, се ќе зависи од тоа дали ваква вонредна мерка е законски дозволена во услови кога веќе се распишани избори.
-Јас очекувам повторно, одредени невладини активисти со почетокот на грејната сезона, таму од ноември месец да се борат за воздух иако изминативе седум години никаде ги немаше и за тоа ќе се обидеме да антиципираме однапред за да видиме колку можеме сега. Само треба да видиме со законодавство дали е тоа дозволено, имајќи предвид дека сме во избори, и дека изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот кажа дека неколку дена лично работел на оваа проблематика и видел дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето.