Мицкоски: Нашиот пат е европскиот, но нема компромис за идентитетот, јазикот и културата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека стратешка цел на Македонија останува членството во Европската Унија, но оцени дека за продолжување на европскиот пат потребно е прво да се изгради доверба.

Во своето обраќање по повод 35 години независност, Мицкоски рече дека сака оваа генерација да биде онаа која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нагласи дека тоа не може да се постигне без почитување на, како што рече, фактите поврзани со македонскиот идентитет и јазик.

„Нашиот пат е европскиот, но на него не може да се прават компромиси за идентитетот, јазикот и културата“, порача Мицкоски.

Тој побара да се почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур поврзани со македонската заедница во Бугарија, како и правото на употреба на македонскиот јазик.

„Најпрвин треба да создадеме доверба, а потоа да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води никаде, туку кон нови проблеми и нови порази“, рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека за прашањата поврзани со идентитетот, јазикот и културата нема компромис.

„Нема играње со она што значи нашиот идентитет, нашето постоење, нашиот јазик и култура. Компромисот за овие прашања значи рушење на македонскиот АСНОМ и Илинден“, истакна тој.

Во говорот, Мицкоски се осврна и на политичките поделби во земјата, повикувајќи на дијалог и соработка.

„Ќе продолжиме да градиме мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажеме од тоа да понудиме дијалог. Сечија суета, па и мојата, не значат ништо кога во прашање е Македонија“, порача Мицкоски.