Дали постои можност Алијансата за Албанците, предводена од Зијадин Села, да стане дел од Владата, по напуштањето на Националната алијанса за интеграција? На ова прашање, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не размислуваат за нов партнер во владината коалиција, и додаде дека следната недела ќе ги објават имињата на новите министри, по разговорите со ВЛЕН.
„Мислам дека како влада имаме историско, високо мнозинство во парламентот. Две третини, и во овој момент не размислуваме за такво нешто“, изјави Мицкоски.

Дека владиното мнозинство е стабилно, тврди и портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани. Сепак, тој не гледа никаков проблем доколку бројките дополнително се зголемат.
„Сите сме информирани дека има разговори околу проширување на Владата. Во моментов бројот на Владата или мнозинството е стабилно, но не би претставувало никаков проблем доколку на оваа влада ѝ се приклучат и други политички субјекти. Но, многу е важно субјектите што се приклучуваат да имаат став дека заеднички ќе чекориме напред со реформите што ни се неопходни за да ги реализираме, како и принципите за добро, транспарентно владеење за општото добро на граѓаните“, изјави Сулејмани.
Слејмани додаде дека коалицијата ВЛЕН е подготвена да соработува со секоја политичка партија што искрено ја сфаќа реформата, што ги почитува институциите и што му служи на граѓанинот — а не на лични интереси, пазари или внатрешни борби. Инаку, пред два дена Алијанса за Албанците на Села соопшти дека се повлекува од коалицијата НАИ, во која заедно со ДУИ и АА на Таравари настапија на локалните избори. Сепак, од партијата на Села соопштија дека ќе останат во опозиција, за како што велат, одбрана на националната кауза.
