Мицкоски не прифаќа тајни средби – можеме да седнеме и во некое кафуле, одговори Ковачевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И натаму нема датум кога премиерот Димитар Ковачевски ќе има средба со шефот на опозицијата Христијан Мицкоски. Средба на која треба да се разговара за формирањето на техничката Влада. По најавите на Ковачевски дека на оваа средба не планира да биде јавна, Мицкоски во интервју за Press24.mk вели дека не се согласува на тајни средби, а за тоа кога ќе ги соопшти кандидатите најави дека тоа ќе биде по празниците.

„Не, сме немале никаква средба. И не постои нешто како јавна најава за тајна средба како што кажуваше самиот премиер. И сметам дека нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување. После Водици ќе имаме целосна слика за престојниот состав. Не се брзаме на тој план. ВМРО-ДПМНЕ има голем број на кадри кои можат да одговорат на позициите кои се бараат“, вели Христијан Мицкоски.

Но, премиерот Ковачевски вели дека никогаш не рекол дека тоа ќе бидат тајни средби, дури рече и дека ќе го кани и на улица Македонија.

„Па јас не гледам дека има потреба да имаме тајни средби, така што, кога ќе имаме средба таа ќе биде средба која што ќе се случи во јавен простор, дали во Клуб на пратеници, дали во Собрание, дали на улица „Македонија“ сеедно во некој кафиќ. Па ќе видиме кога ќе договориме, ние имаме комуникација на партиско ниво. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ  е во редовна комуникација со заменичката претседателка на СДСМ“, порача Димитар Ковачевски.

Ковачевски ги чека да поминат празниците и да ги почне разговорите со ДУИ околу формирањето на Европскиот фронт, во кој ги повика сите партии. Не сме разговарале овие денови со оглед на тоа дека беа новогодишни празници, кратко одговори тој.