Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува обвинителите и судиите во Македонија да имаат поголеми плати, нешто што го бара ЕУ, преку Планот за раст, односно во рамките на Реформската агенда.
Имено, во т.н реформски закони, кои треба да претрпат промени, а со кои се опфаќаат и законите на јавнообвинителска и судска слуба, предвидено е и зголемување на платите на судиите и обвинителите. Токму против ова е премиерот Мицкоски, кој вели дека не се согласува да им се зголемат платите на оние кои имаат доверба само 2% во последните неколку години.
-Нема да го прифатиме ни барањето за зголемување на средствата за судиите и обвинителите кои во измените на законите бараат за судството да се обезбедат 1,3 отсто од БДП годишно или двојно повеќе отколку што е во моментов. Тоа би значело 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Лично сметам дека и овие плати што ги земаат во моментов не ги заслужуваат зошто имаат рејтинг од само 2 отсто. Со тоа што го бараат платите на судиите и обвинителите би се движеле од 300 до 350 илјади денари месечно, изјави Мицкоски на брифингот со новинарите.
Тој, сепак посочи дека Министерството за финансии веќе подготвува компаративна анализа, односно споредба како е во земјите членки на ЕУ. Ќе бидат земени примери од Германија, Франција, една од скандинавските земји, од една земја од централна Европ (Унгарија, Чешка), како и од Хрватска.
Освен што е против зголемувањето на платите на судиите и обвинителите, Мицкоски вели и дека нема да се прифати барањето на ЕУ за либерализација на цената на струјата за домаќинствата. Тој е на ставот дека на краток рок, ваквите промени би донеле неколкукратно поскапување на струјата за домаќинствата.