Мицкоски не сака попис во 2021, но сака избори, Јанчев и Димитриевски најавија кандидатури за втор мандат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако бара одложување на пописот до напролет идната година поради безбедност на здравјето на граѓаните од Ковид 19, Христијан Мицкоски од друга страна бара одржување предвремени парламентарни избори. Дури и вонредните локални избори во Штип и Пласница што беа одржани пред Нова година, беа бојкотирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што не се согласуваа во време на пандемија да има избори.

„Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни, бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим.“, рече Мицкоски.

А за одржување на локалните избори стана збор и во вчерашниот магазин Клик плус на ТВ21, на кој кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев потврдија дека повторно ќе се кандидираат. Димитриевски истакна дека е потребно да има отворени листи не само на локалните туку и за другите избори.

„Политичките субјекти даваат кандидати на кандидатските листи каде што многу пати, често се случува најквалитетните индивидуи се ставаат на недобитните позиции а на добитните позиции партиските или зицери играчи, популарно наречени, и многу пати велат ајде јас ќе бидам напред како раководство на партијата за да повлечам. Јас на последниот конгрес во партијата реков, ајде да се ставите позади за да ја поттурнете работата.“, изјави Димитриевски.

Јанчев пак со предлог, избраните советници во општините да бидат со политички мандат, односно професионално ангажирани, нешто како што тоа се пратениците.

„Нашите Совети кои што ги имаме во општините, доволно многу ја чинат општината и јас би предложил, сите советници, еве во Кавадарци имаме 18 плус еден претседател, 19 советници, да бидат со 4-годишен мандат. Значи политички мандат кој што би го искористиле во делот на општината. Ние сега советниците ги имаме за ништо, буквално, еднаш месечно одржуваме совет, доаѓаат како партиска машинерија да гласаат или да опструираат.“, вели Јанчев.

За воведување отворени листи, најмногу се залагаат помалите партии. Премиерот Зоран Заев уште во претходниот мандат најави дека следните избори ќе бидат се отворени листи, но потоа рече дека на локалните избори советниците ќе се бираат на отворени листи. Иако до локалните избори има нешто повеќе од половина година засега се уште нема иницијатива за промена на Изборниот законик.