Мицкоски неделава на средба со владините партнери – ќе се одлучува кој ќе биде поставен за владин повереник во 4 општини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најверојатно во текот на неделава премиерот Христијан Мицкоски ќе има средба со владините партнери за да се договорат околу назначувањето на владини повереници во 4-те општини каде не се избра градоначалник поради немање цензус од најмалку 33,33% во првиот круг. Од Владата за ТВ21 велат дека засега се уште нема утврдено кога ќе биде оваа средба, но нема ниту официјални информации кој би можел привремено да седне во градоначалничката фотелја во Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.

-Навремено ќе ја информираме јавноста кога ќе има средба. ДИК треба да ги прогласи изборите за официјално завршени, постои процедура која е јасно наведена во Изборниот законик, изјави портпаролот на Влада, Марија Митева.

Во меѓувреме Државната изборна комисија се очекува на седница што треба да се одржи денеска да ги прогласи изборите за завршени, а потоа за тоа и да испрати известување и до Собранието и до Владата.

Државната изборна комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. По добивањето на известувањето, Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник, се вели во Изборен закон член 134.

Изборите за градоначалник во овие општини е во временски теснец, бидејќи мандатот на ДИК истекува на 15 јануари. Претседателот на Собранието Африм Гаши на последниот брифинг со новинарите рече дека ќе се направи напор тие да завршат со постојаниот состав, бидејќи како што истакна не е во ред додека траат изборите да се распишува оглас за нов состав на Изборната комисија. Поради ова можно е да има продолжување на мандатот за онолку колку што е потребно да завршат изборите и во овие 4 општини.