Мицкоски: Нема повеќе идентитетски отстапки на патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува за време на претстојната посета на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта да се разговара за можни решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес на државата.

Мицкоски порача дека ставот на Владата останува непроменет и дека нема да се прифатат дополнителни идентитетски отстапки во процесот на пристапување кон Европската Унија.

„Ќе бараме решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и граѓаните. Оваа држава даде премногу во изминатите децении, а за возврат доби многу малку“, изјави Мицкоски по отворањето на трговски центар во Гевгелија.

Тој оцени дека актуелната состојба е резултат на, како што рече, „погрешни политики на претходната влада“, кои довеле до застој во евроинтеграциите. Според него, Владата е подготвена да продолжи со реформите и исполнување на објективните критериуми на ЕУ, но не и со нови билатерални условувања.

Мицкоски истакна дека изјавите на новиот бугарски премиер дополнително ја потврдиле загриженоста дека уставните измени не би биле последно барање во процесот.

Во меѓувреме, од Европскиот совет информираа дека Кошта од 1 до 5 јуни ќе ги посети земјите од Западен Балкан, при што во Скопје ќе се сретне со премиерот Мицкоски. Главни теми на разговорите ќе бидат проширувањето на ЕУ, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

Кошта ќе биде и копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.