На денешниот увид на работите со изградбата на мостот „Љубљанска“ на кејот на Вардар во Општина Карпош, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува поевтинување на дизелот и бензинот следната недела.
„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела, бидејќи тоа во Владата го анализираме и го следиме, но тоа ќе си го каже Регулаторна комисија за енергетика“, изјави Мицкоски.
Тој информираше дека се преговара и со Окта за дополнителен попуст, и повтори дека земјата има најниски цени на горивата во регионот.
„Преговараме со најголемиот снабдувач на нафта и нафтени деривати, пред сè мислам дизел гориво и безоловни горива, Oкта, за дополнителен попуст, со што ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивото во регионот, а можеби и најниска и во Европа“, рече премиерот Мицкоски.
