Мицкоски: Од градоначалникот па надолу треба да има морална одговорност за состојбата со водата во Гостивар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на Гостивар и во наредните денови ќе добиваат дополнителни количини вода за пиење, додека се очекува расчистување на проблемот со градскиот водовод по прогласената епидемија. Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека денеска во градот ќе пристигнат уште три шлепери со околу 60.000 литри флаширана вода.

Мицкоски посочи дека Владата во изминатите два дена презела активности за да им помогне на граѓаните, откако надлежните институции ги завршиле своите постапки.

„Утрово бев брифиран од Институтот за јавно здравје дека тоа што е нивна надлежност е завршено и предадено до Обвинителството. Сега на потег е обвинителството, односно обвинителот кој треба да излезе со квалификација“, изјави премиерот.

Тој информираше дека вчера биле обезбедени 50.000 литри вода за пиење, кои веќе биле поделени, а денеска се очекува дополнителна испорака од околу 60.000 литри.

Според Мицкоски, паралелно мора да се работи на прочистување на водоводниот систем за граѓаните повторно да можат да ја користат водата барем за технички потреби и хигиена.

„Сега треба ЈП Водовод во Гостивар да започне со чистење на системот, хлорирање и во рок од ден, два или три граѓаните да можат да ја користат водата за технички потреби. Тоа е веќе во надлежност на локалната самоуправа“, рече Мицкоски.

Тој повторно посочи дека за состојбата треба да има морална одговорност кај надлежните во Општината, нагласувајќи дека одговорност треба да понесат сите „од прв до последен“.

„Очекувам од градоначалникот па надолу сите да понесат одредена морална одговорност, додека Обвинителството ќе се занимава со останатите аспекти“, додаде премиерот.

Владата, како што најави Мицкоски, ќе продолжи со активности за обезбедување вода за пиење и олеснување на состојбата за жителите на Гостивар.