Мицкоски отфрла можност за предвремени избори – Филипче: Јас сум убеден дека предвремени избори ќе има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не престанаа да се вртат шпекулациите дека наесен ќе се одржат предвремени парламентарни избори, но премиерот Христијан Мицкоски е категоричен во својот став дека предвремени нема да има. Тој ова го истакна во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21 во која истакна дека останува на ваквото тврдење иако за ВМРО-ДПМНЕ им одговара да се одржат. Тој го отфрли како неточно тврдењето на Ахмети кој минатата недела во интервју за ТВ21 рече дека имал средба со Мицкоски уште пред 100-те дена на Владата на која се договориле заедно со локалните да има парламентарни избори, но дека потоа Мицкоски се премислил.

-Еве и да е така а не е така, тоа е лага. Но, еве и да е така, апсолутен победник беше ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ако гледаме политички и ако гледаме од оптиката на ВМРО-ДПМНЕ и што е наш интерес, наш интерес е да има предвремени избори. Зошто би се откажал. Напротив јас би стимулирал ако тоа сум го кажал и ако гледаме од оптиката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Од ДУИ пак за изјавата на Мицкоски дека тоа не е точно, велат дека остануваат на тврдењето на нивниот лидер.

– Ние остануваме на ставовите на претседателот Али Ахмети, дадени неодамна на ТВ21, вели Арта Биљали Зендели, портпарол на ДУИ.

Сепак, во тоа дека ќе има предвремени е убеден првиот човек на опозициската СДСМ Венко Филипче и тоа поради лошите политики на власта. Додава и дека СДСМ е секогаш подготвена за избори.

-Јас сум прилично сигурен дека предвремени избори ќе има. Дали ќе бидат на крај на оваа година, дали ќе бидат на почеток на следната година и тоа од неколку фактори. Прво оваа Влада е тесно поврзана и тоа ние секојдневно го објавуваме и го аргументираме со авторитарните режими во регионот на Орбан и на Вучиќ. Понатаму тешката економска состојба во којашто се наоѓа државата, оваа Влада ја носи државата во амбис. А во однос на нашата подготвеност, апсолутно, во било кое време сме спремни да настапиме на избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Претходно и претседателот на Собранието Африм Гаши кој е од коалицијата ВЛЕН рече дека во принцип е против предвремени избори бидејќи на тој начин владите би имале алиби дека немале време да го реализираат ветеното.