Мицкоски: Пензионерите да не се грижат, пензискиот систем е стабилен и сигурен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека пензискиот систем во земјава е стабилен и сигурен и дека пензионерите немаат причина за загриженост.

Мицкоски посочи дека Владата има различен став од директорот на Пензискиот фонд, но нагласи дека не е неопходно сите членови на Владата да се согласуваат за секое прашање.

„Ние во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата и тој лично сметаат оти состојбата со пензискиот систем е стабилна и сигурна, посочувајќи дека доколку во иднина бидат донесени какви било нови политики, јавноста навремено ќе биде информирана.

„Не треба секогаш да се согласуваме со ставовите на луѓето коишто се дел од Владата, но Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите“, рече премиерот.

Мицкоски истакна и дека актуелната Влада ги зголемила пензиите, како што рече, во просек повеќе од која било друга влада досега.

„Оваа Влада ги зголеми пензиите просечно како ниту една друга Влада во историјата на независна Македонија“, изјави тој.

Во однос на обезбедувањето средства, премиерот порача дека парите постојат, но дека треба да се пронајдат таму каде што, според него, се злоупотребуваат и да се насочат кон потребите на граѓаните.

„Парите се тука, но парите треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат и да се насочат онаму каде што тие пари се потребни“, додаде Мицкоски.