Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека растечките тензии во Европа и на Балканот претставуваат ризик и за Македонија, предупредувајќи дека постојат можности за обиди регионалните проблеми да се прелеат во земјава. Во обраќањето на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, тој упати и критики кон дел од опозицијата, обвинувајќи ја дека е подготвена да учествува во политички провокации за лични интереси.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме протестите, насилството во разни облици, присутни во Европа и кај нашите соседи“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека безбедносните служби во регионот постојано се активни и изрази загриженост дека одредени фактори би можеле да се обидат да ги пренесат регионалните тензии во Македонија.
„Нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, изјави премиерот.
Во тој контекст, Мицкоски упати критики кон дел од опозицијата, тврдејќи дека одредени политички актери би можеле да бидат мотивирани од лични интереси.
„Има неколкумина од опозицијата што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да направат“, рече тој, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на провокации, вештачки наметнати прашања и, како што ги нарече, преувеличени етнички теми.
Премиерот порача дека нема да прифати, како што рече, нечесни политички игри и авантури што би можеле да ја загрозат државната стабилност.
Мицкоски: Граѓаните се соочуваат со финансиски тешкотии
Покрај безбедносните и политичките предизвици, Мицкоски се осврна и на економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Тој призна дека дел од населението е изморено од ветувања и дека многу семејства тешко ги покриваат месечните трошоци.
„Знам дека има граѓани кои се уморни од ветувања. Знам дека има луѓе кои работат чесно, а на крајот од месецот повторно пресметуваат што можат да платат, а што можат да одложат. Знам дека има родители кои се радуваат на успехот на своите деца, а во себе стравуваат дека тој успех ќе ги одведе некаде далеку од дома“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека носителите на јавни функции треба да покажат скромност и почит кон граѓаните, додавајќи дека довербата од јавноста мора да се оправдува секојдневно.
Автопати, гасоводи и студентски домови
Говорејќи за работата на Владата, Мицкоски наведе дека и покрај енергетската криза, во тек е изградба на шест автопатски делници, два гасоводи и еден далекувод.
Тој посочи и дека е пуштен во употреба реновиран студентски дом, а најавени се дополнителни реконструкции на ученички и студентски домови.
Во завршниот дел од обраќањето, премиерот се осврна на историското значење на Гоце Делчев, нагласувајќи дека неговото место во македонската историја не може да зависи од одобрување од други.
„Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на народот, затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење“, порача Мицкоски.
