Мицкоски: Префрлени 120 милиони евра за коридорот – Ковачевски вели почнаа сите процедури, ВМРО-ДПМНЕ шири хистерија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека веќе почнала исплатата на средства кон Бехтел и Енка иако се уште не се започнати работите на изградбата на коридорите. Вели дека на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта се префрлени 120 милиони евра.

„Пред два дена од Трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на Јавното претпријатие за државни патишта околу 7 милијарди и 250 милиони денари, тоа е околу 120 милиони евра и претпоставувам тие пари треба да се веќе легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови од коридори 8 односно 10Д. Вие граѓаните пред два дена уплативте 120 милиони евра на ништо, шајка немаат заковано“, вели Христијан Мицкоски.

Премиерот Ковачевски не ја демантираше оваа информација. Вели дека според договорот започнати се процесите кои се неопходни за започнување на работите. Опозицијата како и за многу други работи така и за изградбата на Коридорот 8 и 10Д шири непотребна хистерија, вели премиерот Ковачевски.

„Согласно со потпишаниот договор, врз основа на тој закон, го задолжи Министерството за транспорт и врски да ги отпочне сите потребни процедури за почеток на активностите за проектирање, ангажирање на сите потребни ресурси кои што се потребни за отпочнување на работите и секако за правење на трансакциите на финансиските средства кои што се согласно со договорот и кои што се за отпочнување на работите. Не постојат никакви пенали, тоа се лаги на опозицијата кои што гледате дека од ден на ден се покажува дека се единствено во правење на хистерија“, порача Димитар Ковачевски.

Авансно плаќање се врши при секое склучување на договор за сите досегашни проекти, така се постапува и за договорот со Бехтел и Енка, тврди директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

„Секако дека ние на почеток кога ги воведуваме на работа сите компании плаќаме авансно плаќање за мобилизирање на компанијата што ќе изврши градење и за сите други трошоци. На тој начин и според овој договор што го имаме со Бехтел и Енка и според програмата што е помината на Влада за плаќање за сите тие средства ние ги почитуваме и договорот и програмата на Владата, бидејќи тие средства се буџетски средства и ние сме во тек да го реализираме сите тие трансакции кои произлегуваат од договорот“, вели Ејуп Рустеми.

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка е предвидено да ги гради четирите автопатски делници од коридорот 8 и 10Д. Рокот на изведба е до 2027 година.