Растот на платите во државата продолжува, но потребни се дополнителни напори за подобрување на животниот стандард, оцени премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најновите податоци на Државниот завод за статистика за исплатените плати во јануари.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека секое зголемување на платите е охрабрувачко, но нагласи дека тоа не е доволно за да се задоволат потребите на граѓаните.
„Апсолутно секогаш радува податокот кога продолжува трендот на раст на платата, вклучително и во месец јануари, она што го кажа и го објави Статистика. Дали е тоа доволно, не. Секогаш треба повеќе и ќе се трудиме како Влада да имаме што помали трошоци за живот, односно инфлација, а што повисоки примања кај вработените“, изјави премиерот.
Тој потенцираше дека намалувањето на инфлацијата и растот на приходите остануваат главни приоритети на Владата и додаде дека во таа насока ќе продолжат и во идниот период.
„Тоа претставува наша цел како Влада и прв приоритет. И така се однесувавме до сега, така и ќе се однесуваме во иднина“, порача Мицкоски.
