Мицкоски: Протоколите не се дел од преговарачката рамка – ги обвинува претходната Влада за договорот со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ставот на Владата останува непроменет дека протоколите не треба да бидат дел од Преговарачката рамка со Европската Унија. Според него, ова била позицијата на извршната власт од самиот почеток и продолжува да биде иста, но Бугарија го брани спротивниот став, повикувајќи се на она што е договорено со претходната влада, која според Мицкоски прифатила сè.

„Ние како Влада сметаме дека протоколите не треба да бидат дел од преговарачката рамка и не треба да бидат. Овој став го имаме од првиот момент до денес, но за жал ставот што го има другата страна е сосема различен, а тој став е таков поради егзибиционизмот и капитулацијата на претходната влада на СДСМ и ДУИ и преговарачкиот тим предводен од неуспешниот од Чаир“, изјави премиерот Мицкоски.

Пред неколку дена поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, повторно го објави видеото во кое, пред табла, ја објаснува структурата на Преговарачката рамка и изјави дека протоколите, односно записниците од состаноците со Бугарија, не се нејзин формален дел.

„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпев критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам и повторувам“, изјави Бујар Османи од ДУИ.

Реакцијата на Османи дојде веднаш по изјавата на актуелниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој исто така рече дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка.

Премиерот, во гостувањето во еден подкаст, нагласи дека уставните измени во оваа форма, како што моментално се бараат, нема да се случат. Тој додаде дека е подготвен да разговара со кого било и каде било, додека не се најде трајно решение кое ќе ја однесе земјата кон крајната цел.