Мицкоски: Реконструкцијата на Владата ќе се објави наскоро – Дурмиши: Моето име не е на масата за разговори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Планот за реконструкцијата на Владата се крои тивко, без многу врева во јавноста. Синоќешната средба зад затворени врати меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не донесе конкретни имиња. Премиерот Христијан Мицкоски повика на трпение.

Досега има само неофицијални информации во врска со распределбата на ресорите во Владата.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на брифинг со новинарите демантираше дека неговото име е дел од разговорите за реконструкцијата на Владата.

„Такви информации што се шират во јавноста се само за да се создаде внимание или забуна кај јавноста. Не постои таква иницијатива, а досега јас сум целосно фокусиран на работите што треба да се реализираат во Министерството за економија и труд, и таа работа ја извршувам. Еве и денес имав брифинг со новинарите, каде што ги информирав за сите реализирани активности до сега и оние што ќе следат во иднина. Такви иницијативи или шпекулации во медиумите – не знам зошто ги прават, но живееме во демократска држава и нормално е да се слушаат и вакви вести.“, изјави Дурмиши.

На средбата меѓу раководството на ВЛЕН и премиерот Мицкоски што се одржа синоќа, ТВ21 неофицијално дозна од владини извори дека предлогот на ВЛЕН за министер за екологија е Мухамед Хоџа, поранешен портпарол на Владата.