Мицкоски се прошета по блокадите, Заев вели дека не ги разбира протестите на ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На крстосницата кај Собранието кое беше една од локациите за блокади, беа собрани членови, пратеници, но и високи партиски личности, а таму беше и професорката Гордана Силјановска. Иако претходно беше најавено дека пред Собранието ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој само ги посети трите локации на блокадите.

„Очекуваме од власта да каже дали во нивната дипломатска мисија повторно се става идентитетот, јазикот, културата на маса за преговарање и дали Зоран Заев повторно изигрува трговец-поединец и судбината на сите граѓани, без да знае никој тука во Македонија, тој да ја определува и тој да биде судија за сето тоа“, посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

„Доколку таканаречениот Патоказ инкорпорира позиции кои што се прифатливи за нашите граѓани, доколку тој не ги инкорпорира позициите од Декларацијата во бугарското Собрание тогаш веројатно не би требало да има никаков страв од Владата да каже за што точно се преговара во овој процес. Да не се дозволи уште едно дополнително национално понижување кое што стана пракса“, истакна Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Историчарката Наташа Котлар вели дека со членот 8 од Договорот со Бугарија веќе се задира во македонскиот идентитет.

„Во тој договор Бугарија веќе си обезбеди свои права да го оспорува идентитетот, односно да создаде идентитетски спор. А тоа значи, оспорување на македонскиот јазик, оспорување на македонската национална историја и оспорување на македонската национална култура. Што значи за да се реши овој проблем ќе мора да се прават отстапки од страна на Македонија“, изјави Наташа Котлар, историчар.

Со Бугарија се разговара на секторско ниво за изградба, поврзување и соработка на двете земји и тоа е тој Патоказ, додека преговори се водат за португалскиот предлог, вели премиерот Заев.

„Португалскиот предлог е доставен кај нас е доставен кај бугарската страна и е доставен кај Мицкоски и апсолутно знае дека предлогот е одличен. И сега да продуцирате протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе навистина порака која што никако не можам да ја разберам“, рече Заев.

Покрај пред Собранието блокирани беа и крстосниците кај трговскиот центар Мавровка и кај зградата на Нова Македонија, а блокирани беа и десет други градови од земјава. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека блокади ќе има секој ден, се додека, како што рекоа не се објават предавничките преговори на Заев и Бучковски.