Мицкоски се сретна со Макрон: Разговор за европските перспективи и регионалните прашања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, за која оцени дека поминала во пријателска и срдечна атмосфера.

Според објавата на Мицкоски на социјалните мрежи, на средбата се разговарало за состојбите во регионот, прашања важни за иднината на граѓаните, како и за европските перспективи на земјата.

„Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања“, напиша Мицкоски.

Тој посочи дека целта на ваквите средби е градење пријателства, отворање нови можности за соработка и обезбедување поголемо разбирање и поддршка за македонските позиции.

Премиерот порача дека Владата останува посветена на своите стратешки цели и ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка и европската интеграција на државата.

Фотографијата објавена од средбата го прикажува Мицкоски во разговор со Макрон, при што двајцата лидери разменуваат поздрав во неформална атмосфера.