„Се збогатија на грбот на граѓаните, согорувајќи нелегален мазут, со што го загрозија нашето здравје и човечки животи,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски за 13-те вчерашните осомничени.
На новинарско прашање зошто осомничените се истражуваат само за тендери и перење пари, но не и за загрозување на јавното здравје, премиерот Мицкоски одговори дека истрагата сè уште трае и дека ги остава надлежните органи да ја завршат својата работа.
„Да почекаме да заврши истрагата, а потоа ќе можеме да коментираме за сите основани сомнежи за овие лица кои се очекува да бидат обвинети. Дотогаш, да останеме на она што Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност го соопштија во јавноста“, вели Христијан Мицкоски.
Вицепремиерот Изет Меџити ја оцени акцијата на Обвинителството како силен удар врз организираниот криминал и корупцијата. Тој порача дека никој не е над законот и дека секој што ќе се обиде да направи нешто слично, ќе се соочи со правдата.
„Нема компромис со корупцијата, особено во случајот кога не е оштетен само буџетот и финансиската стабилност на државата, туку е загрозено и здравјето на граѓаните. Затоа, ова е двојно поважен случај. Истовремено, оваа борба против корупцијата е без етнички, идеолошки или други предзнаци“, вели Изет Меџити.
Во однос на нискиот квалитет на мазутот, кој преку два тендера во периодот 2021-2023 година беше набавен за ТЕЦ-Неготино во количина од речиси 300.000 тони, детали не открија ниту од Царинската управа. Оттаму велат дека се на располагање на истражните органи и ќе ги предадат сите потребни документи. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција посочува дека, врз основа на собраните докази, истрагата може да биде проширена.