Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил вели дека денеска ќе побара свикување лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор за одлагање на предвремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните.
– Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо, пишува Мицкоски на Фејсбук.
Тој смета дека одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани под директен ризик за нивното здравје и ширење на коронавирусот и оти би значеле отворање нови жаришта со коронавирус.
– Во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата и ова го велам од причина што сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика, но воедно одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани, поточно над еден милион луѓе под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот, пишува Мицкоски.
Сите препораки на релевантните домашни и светски организации, вели тој, се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности.
– Замислете ден на избори кога во една просторија каде има гласање илјадници избирачи ќе гласаат, ќе заокружат со пенкало, ќе имаат личен контакт со членовите на избирачкиот одбор, додава Мицкоски.
