Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со владината одлука за дополнително намалување и усогласување на царинските стапки за суровини и полупроизводи ќе се зголеми конкурентноста на домашните компании и странските инвеститори.
По отворањето на трговскиот центар „Mega Shopping Park“ во Гевгелија, Мицкоски посочи дека по минатогодишното усогласување од 50 проценти, сега следува дополнително усогласување од уште 20 проценти, со што вкупното усогласување со царинските стапки на Европската Унија достигнува 70 проценти.
„Со оваа одлука го зголемуваме обемот на суровини и полупроизводи што ги користат македонските производители и извозници. Целта е да ги направиме уште поконкурентни на странските пазари“, рече Мицкоски.
Од Министерството за финансии информираа дека намалувањето опфаќа 70 суровини, репроматеријали и компоненти што се користат во домашното производство на финални производи.
Владата веќе го усвоила Предлог-законот за измена на Законот за царинска тарифа, со кој царинските стапки дополнително се намалуваат и се усогласуваат со оние што важат во Европската Унија. Од Министерството потсетуваат дека првото намалување стапило во сила на 1 јули 2025 година.
