Премиерот Мицкоски повторно го отвори прашањето на предвремените избори како можност откако го стори истото пред околу две недели. Тој на обраќањето на одбележувањето на 23 Октомври Денот на македонската револуционерна борба и се обрати на опозициската СДСМ и им порача дека калкулациите за тоа колку би добила пратенички места според резултатите од локалните избори е повик за предвремени избори кој, како што рече, може да им се оствари.
-На опозицијата ќе им оставиме време да се консолидираат и да размислат дали на пример ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои да бидат директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план. Но нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор. Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат, може и да им се оствари, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски им се обрати и на ДУИ за кои рече дека последните резултати од изборите се порака од народот дека не сакаат повеќе политиканство и злоупотреба на етничките теми за нивни лични интереси.
-Овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци народот е уморен од чекање за подобар живот, живот што граѓаните 20 и повеќе години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени парламентарни избори. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат. А таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража накај Зајас, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, на одбележувањето на Денот на Македонската револуционерна борба кога во 1893 година беше основана Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација, Мицкоски порача дека тоа не е само датум, туку завет и повик кон сите да ја чуваме Македонија и да бидеме достојни кон тие што се бореа за неа и ни ја подарија слободата.