Премиерот Христијан Мицкоски денеска со остри критики се осврна на случајот со сомнежите за шпионажа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно, обвинувајќи дека зад случајот стојат „структури од минатото“ и лица кои ги нарече „шпионски талог на општеството“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали располага со информации за случајот и дали може да открие повеќе детали, Мицкоски изјави:
„Па, видете, тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото. Коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари. Претседатели, премиери и така натаму.“
Тој посочи дека овие лица се претставувале како група вработени и испраќале анонимни дописи до обвинителствата.
„И тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства“, рече Мицкоски.
Во својата изјава премиерот го спомена и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
„Се разбира, таму е Ислам Абази, веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало“, изјави премиерот.
На крајот, Мицкоски порача дека нема намера повеќе да ги коментира лицата кои ги нарече „глодари“.
„Јас не би ги коментирал овие глодари, бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме“, рече Мицкоски.
Според ОЈО ГОКК, предметот бил отворен во декември 2025 година по известување од МВР – Сектор за компјутерски криминал, а се однесува на сомнежи дека доверливи електронски податоци од Кабинетот на претседателката биле неовластено копирани и можеби завршиле кај странски разузнавачки структури.
Од Обвинителството соопштиле дека со месеци бараат копии од видео надзорот од Вила Водно, но дека досега не добиле повратни информации од МВР за обезбедувањето на снимките.
