Мицкоски ветува намалување за 2,5 денари – „литар бензин кај нас ќе биде 1,35 евра“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Намалување на цената на нафтата и нафтените деривати за околу  2 и пол денари за литар, најави премиерот Христијан Мицкоски откако претходно таа рипна за дури 14 и пол денари. Тој појасни дека за ова намалување претходно работеле со компанијата ОКТА од каде се согласиле на фирмите со кои соработуваат да им даде попуст од околу 45 до 50 долари по тон, а бензинските пумпи да продаваат по таа цена, што би значело намалување  на цената на нафтата. Тој притоа посочи дека другите држави имаат повисоки цени на бензините и затоа доаѓаат во нашата земја да се снабдат со поевтини горива.

„Литар дизел кај нас ќе биде 1,35 евра, во соседството на пример во Србија е веќе над 1,80, во Албанија е 1,80, во Косово е над 1,50-1,60 евра, во Европа е веќе над 2 евра, некаде во земјите од Европската унија е 2,2 евра дизелот. Сега имаме верувајте жесток притисок од граѓаните на соседните држави во пограничните места на југ, запад и север каде што доаѓаат да полнат горива“, рече Христијан Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче со критики кон власта, вели дека наместо да се донесат мерки со кои ќе се заштитат граѓаните од ценовните шокови од поскапувањето на горивата, дополнително сака да профитира.

„Погледнете ги цените во маркетите, погледнете ја цената на струјата. Енормно поскапеа горивата. Што да прават луѓето? Мицкоски вели не мора да одат на одмор. Следно ќе каже не мора ниту да јадат“, порача Венко Филипче.

Поради инпутот на цената на бензините дел од прехранбените производи веќе поскапеа. Како ќе се стабилизираат цените на нафтата, а со тоа и на производите во маркетите, Мицкоски вели дека ќе се намали зафаќањето кон ДДВ, но не и на акцизата.

„Ќе одиме со намалување на зафаќањето на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти, па имаме уште една мерка потоа од 10 на 5 проценти, но тоа ќе зависи од цената како ќе се движи“, вели Христијан Мицкоски.

Поради кризата и воените дејства на Блискиот Исток цената на нафтата значително се зголеми поради што предизвика ценовен шок и во нашата земја. Граѓаните се соочија со недостиг на нафта откако на бензинските пумпи не можеа да купат горива.