Мицкоски: Владата има мандат од четири години, приоритет се проектите за граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата има мандат од четири години и дека во овој момент фокусот е на реализација на ветувањата, а не на предвремени парламентарни избори.

Одговарајќи на прашање за можноста за предвремени избори при посетата на општина Теарце, Мицкоски рече дека Владата има утврдена динамика за реализација на проектите и дека приоритет е да се испорачаат што повеќе резултати за граѓаните.

Според него, актуелната Влада работи на проекти кои, како што наведе, со години биле закочени, со цел нивно завршување и подобрување на условите за живот.

Мицкоски додаде дека Владата ќе продолжи со истиот интензитет на работа, додека опозицијата во Собранието има можност да поднесе иницијатива за предвремени парламентарни избори.

Тој посочи дека доколку СДСМ, ДУИ и Левица поднесат таква иницијатива, Владата ќе даде соодветен одговор.

Изјавата премиерот ја даде при посетата на Теарце, каде што присуствуваше на пуштање во употреба на детска градинка.