Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази благодарност и честитки до градоначалникот на Штип, министерот за спорт и пратениците од штипскиот регион за вложениот труд во реализацијата на проекти кои го трансформираат градот.
„Штип доби една современа, модерна физиономија и навистина делува импресивно. Очекувам дека во следните четири години ќе продолжи со истата динамика на реализација на проектите за уште поубав и модернизиран Штип, а ние како централна Влада ќе ја поддржиме нивната реализација“, рече Мицкоски.
Премиерот го посети и новиот базен во Штип, кој е втор по ред од вкупно шест проекти за спортска инфраструктура. Тој нагласи дека овие проекти беа заглавени со години, но со доаѓањето на новата Влада, изминатите 15 месеци се забрзана нивната реализација. Следуваат базени во Кичево, Битола, Ѓорче Петров, Карпош и Кавадарци.
„Продолжуваме да инвестираме во спортот, затоа што во здраво тело е здрав дух. Целта е младите уште од најрана возраст да се навикнат на спорт и така да се градат во вистински личности, кои витешки ќе се борат и ќе напредуваат“, додаде премиерот.
Мицкоски уште еднаш изрази благодарност до сите кои придонесуваат Штип да стане поубав град и потенцира дека централната Влада ќе продолжи да ги поддржува локалните проекти.