Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека на неколку фронтови во здравството се работи и се вложува, а треба да се вложува уште многу пати повеќе од ова коешто сега се прави, бидејќи за жал многу малку е направено во минатото.
„Деведесет милиони денари сепак не е малку, не е ни многу, но не е ни малку, имајќи предвид дека речиси ништо не е правено, не со години, со децении, само приказни се кажувани.
Како Влада сериозно се зафативме со овој проблем. Заедно со министерот, во периодот којшто следи ќе имаме еден подолг ресорен состанок на којшто ќе ги определиме чекорите за понатаму. Ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден сум дека за неколку години од денеска ќе имаме комплетно нова претстава во здравството. Бидејќи често пати зборувам, ќе го повторам тоа и денеска, дека како Влада одвојуваме за здравството повеќе од една милијарда евра. Нешто што досега никогаш не било ни приближно толку направено. Да речеме само во годината за време на ковидот таа бројка била некаде околу 500-550 милиони евра. Значи сега сме, би рекол, два пати повеќе. И повторно имаме проблеми. И тоа е нешто коешто нас не вознемирува.
Луѓе алармираат, даваат одредени индиции, за одредени појави коишто не се добри, кај одредени лица, но никако да дојдеме до реализација и до доказ. Тоа е она коешто за мене претставува, како прв човек на Владата, озбилен предизвик. И убеден сум дека во периодот којшто следи ќе дојдеме и до такви озбилни докази за тие индиции коишто луѓето ги кажуваат. Ги повикувам да се охрабрат за да можеме заеднички, имаме ние алатки како тоа да го направиме, за да докажеме девијантно однесување. Во спротивно ќе бидеме неуспешни.
Инаку, ова е зграда споменик на културата и така лесно не можете да интервенирате, има процедури. Јас сум поддржувач на планот на директорот да направиме одредени реконструкции, но за тоа треба да имаме и соодветни правни документи коишто ќе ја дозволат таа реконструкција, имајќи предвид дека сепак ова е споменик на културата, како зграда зборам.
Инаку, вие видовте доле што се случува, дека и ургентните пациенти и оние кои се редовни, односно закажани по „Мој термин“ се измешани и навистина глетката е, би рекол, недобра. За да биде добра, треба една координирана акција на повеќе институции и дозвола од повеќе институции за да можеме нешто да направиме. Не секогаш зависи само од желбата, туку има некои и други моменти коишто треба да бидат исполнети.
Така што, еве тука да завршам, јас сум убеден дека многу скоро од денеска, секој еден граѓанин ќе може да почувствува дека јавното здравство нуди услуги коишто се конкурентни и квалитетни. Тоа е она коешто можам јас да го кажам. Иако и до ден денеска, јас можам да им честитам на овие луѓе коишто се дел од јавното здравство за тоа што го прават, најголемиот дел. Затоа што прават вонсериски напори, вложуваат вонсериски напори, и вие самите констатиравте дека овде конкретно луѓево се за Гинис.
Затоа мора да направиме една координирана акција, како за оној персонал и за медицинските работници да обезбедиме соодветни услови, но од друга страна оние здравствени мешетари кои што го разрушуваат имиџот да ги пронајдеме и да ги санкционираме.
Затоа не можам секогаш да се сложам со луѓето коишто го напаѓаат јавното здравство затоа што тоа не е вистина. Затоа што во јавното здравство, работат луѓе коишто даваат се од себе. И јас како претседател на Владата, ќе сторам се што можам да помогнам, колку можеме во рамките на нашите можности, да направиме едно јако, силно јавно здравство“, вели Мицкоски.
