Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е за избори летово кои нема да го загрозат здравјето на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Повтори дека приоритет на партијата пред се е здравјето на граѓаните, а потоа фер и демократски избори.

Тој во вестите на телевизија Телма посочи дека принципот на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе настапи на лидерската средба е прв и основен приоритет е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за било какви датуми што ќе овозможат фер и демократски презентирање на политичката платформа.

– За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори, рече Мицкоски.

Тој посочи дека според правните норми по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организиараат изборите.

– Сакаме избори ова лето. Сакаме избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Сакаме да бидат избори кои ќе донесат нова власт која ќе знае да се справи со последиците од корона вирусот. Гледате ВМРО-ДПМНЕ води на анкетите, но мене ми е поважно здарвјето на граѓаните, а не да се бројат жртви од корона вирусот“, појасни Мицкоски.