Премиерот Христијан Мицкоски не одговори конкретно дали ќе има тет-а-тет средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети која беше договорена уште на лидерската средба. Дали ваквиот став на Мицкоски е поради фактот што Европскиот фронт предводен од ДУИ гласаше против Законот за прекршоци или таканаречениот Сејф сити не е познато, бидејќи претходно беше договорено тие да дадат поддршка во Собранието. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и без ДУИ обезбеди двотретинско мнозинство не само за законот за Сејф сити, туку и Бадентер за Народниот правобранител.
„Ќе има средба…. ќе има средба… некогаш“, вели Христијан Мицкоски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети минатата недела во емисијата Клик плус на ТВ21 дури уверуваше дека средбата ќе се оствари во најскоро време, а дека доколку не добие покана, тој самиот ќе го повика на разговор.
Ахмети: Прашање на време е…
TV21: Вие ќе го поканите, или чекате тој да ве покани?
Ахмети: Доколку тој го одложи повикот, секако дека јас ќе го повикам. Го држам за збор, затоа што сме се договориле да седнеме да разговараме. Тоа се теми од значење за државата и јас сега нема да се претворам во чувар на мирот и стабилноста.
Ахмети во неговата изјава на лидерската средба рече дека на тет-а-тет средбата со премиерот ќе ги изнесе темите важни за граѓаните. Иако не кажа за што точно се работи, неофицијално тој планираше на маса да ги стави неговите предлози за избор на Влада со Бадентер и за одлуки на Уставниот суд за законите со двојно мнозинство да бидат исто така со Бадентер.
