Мицкоски загрижен за тензиите во регионот: „Една искра може да го запали целиот Балкан“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изрази загриженост поради зголемените тензии и односите меѓу земјите од Западен Балкан. По состанокот на регионалните лидери со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во Њујорк, Мицкоски за Македонската телевизија изјави дека атмосферата на состанокот го потсетила на темите и состојбите од почетокот на 90-тите години.

Како причини за тензиите тој ги посочи несогласувањата меѓу Босна и Херцеговина и Србија, како и нерешените прашања меѓу Белград и Приштина поврзани со нападот во Бањска.

„Ме загрижува фактот што навидум една работа може да го запали целиот регион и да предизвика сериозни тензии што можат да прераснат во конфликт“, рече Мицкоски.

Пред Каја Калас, премиерот побарал од Европската Унија да преземе конкретни чекори и да обезбеди побрзи резултати за граѓаните од Западен Балкан.

Меѓу приоритетите ги наведе решавањето на проблемите со кои се соочуваат транспортерите и реализацијата на најавеното укинување на роамингот меѓу земјите од регионот и ЕУ.

Мицкоски додаде дека Северна Македонија има добра комуникација со соседите и со регионалните партнери, што, како што посочи, го потврдиле и неговите билатерални средби во Њујорк со Александар Вучиќ, Албин Курти, Андреј Пленковиќ и Јанез Јанша.

Тој порача дека искуствата од минатото треба да бидат поука за поголема соработка, а не причина за нови поделби.