Мицотакис „ургирал“ кај Макрон за С.Македонија – се користат сите „џокери“ за решение на спорот со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски е во официјална дводневна историска посета на нашиот сосед Грција. Главна тема на разговор е спроведувањето на Договорот од Преспа, но и патот на Македонија кон Европската унија, кој заглави кај нашиот друг сосед Бугарија. Грција која децении ја блокираше нашата земја, сега е еден од најголемите поддржувачи на тоа, а источниот сосед бара Бугарите да бидат внесени во уставот, со што тие би имале исти права со останатите побројни етнички заедници во Македонија.

„ЕУ и словенечкото претседателство, не губат надеж и не мируваат иако е изборен период во Бугарија. Туку се обидуваат на секаков можен начин, главните актери и тие од позадине што им помагаат, што им олеснуваат да ги наречам, да ги седнат на маса и да ја завршат целата работа до крајот на годината. Најверојатно, ако воопшто се договориме со нашите пријатели од Софија, тоа би било во перидот од 21-ви ноември, кога завршува вториот круг на претседателските избори во Р. Бугарија и се до првите 10 до 15 дена во декември кога е Европскиот совет, последниот за оваа година“, истакна Стево Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски, на неформална средба со новинарите, рече дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е голем пријател со францускиот претседател Емануел Макрон, па така Пендаровски фаќал врски преку Мицотакис за да ни помогне Макрон во евроинтеграциите.

„Она што ми беше посебна тема на разговор со господинот Мицотакис, тој сега после средбата веднаш заминува за Словенија каде што има средба на Европската народна партија. Го замолив, како влијателен член и на ЕНП која е доминантна политичка група во ЕУ последните години и како премиер на земја членка која е би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите околу името туку и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу РСМ и Хеленската република, дека во тој дел и од него очекуваме поддршка и помош“, додаде Стево Пендаровски.

На неформална средба со новинарите, претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека и да се постигне било каков договор за почеток на надминување на овој спор меѓу двете држави, тоа би се објавило дури по вториот круг од изборите во Бугарија. Вчера и американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со Претседателката на Европската комисија Урсула фонд дер Лаен ѝ нагласил дека процесот на проширување треба да продолжи со земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Северна Македонија. Јовица Пауноски, ТВ21, Атина, Грција.