Младите не заминуваат од државата поради платите, во приватниот сектор има солидни плати- изјави заменик – министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски во емисијата Бизнис 21. Тој воедно најави сет мерки за следната година за стопирање на иселувањето како и за враќање на младите дома. Велковски рече дека покрај субвенции за работодавачите, се подготвуваат и мерки како младите да дојдат до сопствен дом, но и такви за подигнување на наталитетот. Вели има повеќе размислувања, а мерките ќе се објават наредната година.
„Ако разговарате со секој еден што заминал, а бил мотивиран само од парите нели како плата како приход, ќе видите дека таму трошат многу повеќе за станбен простор нели каде што живеат. Многу повисоки се цените нели пазарни и секојдневни потреби на нив. Така да кога ќе разговарате по однос на таа тема сите оние купче на пари што ги заработуваат таму добар дел ги трошат таму или во државата каде што отишле да работат. Така да кај нас имаат голем дел од нив и сопствен простор каде што живеат.“, вели Велковски.
Според Велковски годинава иако беше најавен, немало пари да се реализира проектот Купи куќа за млади. Но најави субвенции за сопствен дом за млади за идната година.
„За жал денеска ја имаме таа цена на квадрат која што е вртоглава, ако ме прашате мене и е да не можеш да купиш тераса од стан, а не стан буквално. И поради сето тоа што се случува потребна е и поголема контрола врз системот и да се направат точни анализи да не се направи грешка во понудување на меркава токму кон младиве луѓе.“, рече Велковски.
Велковски за наредната година најави и мерки за подигнување на наталитетот. Покрај парична помош за бебе, се работи и на подобрување и олеснување на условите за родителите. А и на изградба на нови градинки, бидејќи сега околу 2.500 деца во Скопје со месеци се на листа на чекање за место во градинка.