Граѓаните кои не успеваат да завршат работа во државните институциите, се обраќаат во канцеларијата на Народниот правобранител.
Во канцеларијата на Омбудсманот во Кичево, која опфаќа неколку општини, најмногу жалби се доставени за Пензискиот фонд, правните постапки на МВР, вработувањата во администрацијата.
Илбер Руфати, претставник на Народниот правобранител во Кичево вели дека граѓаните се жалаат од институциите кои ги одолговлекуваат постапките.
„Најмногу се жалат за постапките од Пензиски фонд, правните постапки на МВР, судовите и за разните вработувања кои иако добиле решение, разните институции не ги повикале нив според добиеното решение“, истакна Илбер Руфати.
Најмногу проблеми има ромската заедница, вели Руфати. Според него, ромската заедница до нив испратила петиција со барање институциите да има овозможат основни услови за живеење.
„Ромската заедница е најмногу запоставена од страна на државните институции и имаме три петиции. Петициите се од една невладина организација и постапката е во тек, се надевам ќе имаме позитивен епилог бидејќи станува збор за основни барања без разлика на местото и позицијата каде се изградени објектите, дали не е легализирани и приватизирани, но ромската заедница бара некаков начин од кичевските институции тоа да го реализираат на правен начин“, додаде Илбер Руфати.
Омбудсманот има право да покрене постапки и без да ги информира граѓаните, доколку видат неправедности од државните институции.
Минатата година, ова канцеларија примила 255 предмети, а 187 од нив добиле позитивен епилог. Останатиот дел од предметите се во постапка.