Од Министерството за надворешни работи за ТВ21 денеска истакнаа дека изградбата на натстрешница над рамната тераса на објектот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е проект кој првично бил планиран за реализација во 2022 година.
Како што велат, неговата цел е трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување на терасата, кое се јавува при секој пообилен дожд.
„Дополнително, како последица на долгогодишното несоодветно одржување, според проценките на стручните лица, значително се оштетени бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата, што создава неопходност од целосна реконструкција и замена на рамната подлога. Изработката на основниот проект започна кон крајот на 2022 година, а буџетските средства за неговата реализација беа обезбедени во текот на 2023 година. Сепак, поради претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ и обемните финансиски и организациски обврски на Министерството, вклучително и одржувањето на Министерскиот совет во ноември 2023 година, изградбата на натстрешницата, заедно со поставувањето на фотоволтаични панели, беше одложена за 2024 година, со предвидени буџетски средства за оваа намена“, велат од МНР за ТВ21.
Според нив, со оглед на парламентарните избори во 2024 година, изградбата била дополнително пролонгирана за втората половина од годината, при што дел од проектот ќе се финансира од редовниот буџет на Министерството за 2024 година, додека преостанатиот дел ќе биде реализиран во 2025 година.
„По завршувањето на градежните активности, во буџетот за 2026 година се предвидува алокација на средства за поставување на фотоволтаичните панели, кои ќе се користат за потребите на Министерството, во согласност со заложбите за енергетска ефикасност и одржлив развој“, додаваат од МНР.
